ВМРО-ДПМНЕ: Власта ја злоупотребува полицијата во изборни цели, ништо нема да го спречи народот кој тргна против оваа власт

113

Власта ја злоупотребува полицијата во изборни цели. Од една страна се вршат незаконски притисоци врз набљудувачи, а од друга страна се замижува и не се реагира пред јавно агитирање или организирано носење на избирачи на гласачките места, обвинува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

-Во Чешиново Облешево без никаква причина приведени се двајца набљудувачи на ВМРО-ДПМНЕ и тоа еден претседател на Општинскиот комитет како и еден поранешен кандидат за пратеник од оваа партија. Ова е класичен политички притисок и застрашување кое што ќе биде пријавено и до меѓународните набљудувачи. Од друга страна, од повеќе избирачки места низ земјава стигнуваат информации за недозволено агитирање, делење поткуп и организирано носење на гласачи. Вакви сомнителни појави засега се забележани во Шуто Оризари, во Прилеп, во Градско и во Ново Село. Загрижувачки е тоа што дел од овие дејствија се случуваат пред очите на службени лица кои воопшто не постапуваат, оставајќи впечаток дека се дел од организирано сценарио. Тука ќе додадам и нарушување на демократскиот амбиент на денот на гласање со закани и заплашувања кои се прават врз медиуми кои што не се под диктат на власта, истакна тој.

Стоилковски порачува дека ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува овие делувања и бара од МВР да преземе соодветни дејства.

-Фер и демократски избори се вредност без која што нема европска иднина. Овие и за сите други обиди на власта за притисок и репресија спротивни на демократските процеси на изборен ден се евидентираат и за тоа ќе бидат известени сите меѓународни институции. Ниедна манипулација, репресија, закана и уцена нема да го спречи народот кој што тргна против оваа власт и нејзиниот марионетски кандидат. Потребата од Правда и рушење на неправдите е тоа што го води народот на овие избори и се знае кој е победник и следен претседател на Република Македонија, порача тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.