ВМРО-ДПМНЕ внимателно ги планира чекорите за уривање на власта, порача Мицкоски

Што се однесува потезите за уривање на актуелната власт, внимателно ги планираме нашите чекори и внимателно чекориме. Сите оние коишто мислат дека треба да сме брзоплети, емотивни и циркузантски да се однесуваме на политичката сцена, ќе им порачам дека тоа не доликува на ВМРО-ДПМНЕ, порача опозицскиот челник Христијан Мицкоски.

„ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и ВМРО-ДПМНЕ го интересираат исклучиво државните интереси, интересите на граѓаните, така што во периодот којшто следи, македонската јавност и македонските граѓаните ќе бидат сведоци на чекорите коишто ќе бидат преземени од страна на партијата. Прв таков чекор е интерпелацијата за Димитров којшто ќе повторам очекувам следната или седницата потоа да биде ставена на дневен ред на некоја следна собраниска седница. Околу датумот за попис најпрвин да почекаме бидејќи првиот наш апел е веднаш денеска да биде повлечен. Да почекаме, а потоа ќе ја конципираме иницијативата. Иницијативата ќе биде претходно на прес конференција поделена до новинарите, до јавноста а потоа ќе биде поднесена до подрачните единици на Министерството за правда“, додаде Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на опширното новинарско прашања посочи дека не е точна констатацијата дека интерпелацијата за вицепремиерот за евопски прашања и доскорешен шеф на дипломатјата Никола Димитров, не е поднесена во Собранието.

„Интерпелацијата е потпишана и е стигната во парламентот. Поднесена е, а врз основа на информациите коишто ги имам од вчерашниот ден од пратеничката група, веќе следната или неделата потоа ќе биде на дневен ред во рамките на парламентот и ќе може да се дискутира за интерпелацијата на Димитров. Така што очекуваме во најскоро време, веќе следната недела, таа да биде ставена на дневен ред. Според најавите коишто до мене стигнаа во текот на вчерашниот ден“, појасни Мицкоски.