ВМРО-ДПМНЕ: Заев е исплашен за своите криминали и е подготвен да прифати се’

ВМРО-ДПМНЕ смета дека по секојдневно се нижат искази и докази дека тиранската платформа е дело на Еди Рама и дека, како што велат од партијата, таа има за цел да ја втурне Македонија во уште подлабока криза и да ја редефинира согласно визиите на соросовите играчи на Балканот.

– Аболицираниот криминалец Зоран Заев е само уценет човек, кој исплашен од затвор за сите криминали што ги сторил, е подготвен да прифати буквално се и да ги реализира сите барања кои одат спротивно на највисоките државни и национални интереси, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму истакнуваат дека мнозинството граѓани на 11 декември одбрале кој има најдобра понуда, најквалитетна програма и најсоодветни персонални капацитети за да ја врати Република Македонија на вистинскиот пат и оти тоа била програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

– Мнозинството граѓани не гласаа ниту за тиранска платформа, ниту за двојазичност, ниту за дебати за химна грб или знаме. Граѓаните не гласаа ниту за нови пари, ниту за нови униформи. Тиранската платформа беше отпосле подметната како кукавичко јајце за да се изигра волјата на мнозинството, се додава во соопштението.

Од партијата истакнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ уште во текот на преговорите кажала што мисли за платформата од Tирана и не преговарала врз основа на неа.

– СДСМ, како што кажа Мухамед Зекири во целост ја прифатиле платформата. ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли уцените и ја отфрли тиранската платформа. ВМРО-ДПМНЕ во процесот на преговори и јавно соопшти дека нема намера да формира влада по секоја цена, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека граѓаните се чувствуваат изиграни и загрозени, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донел двојазичност и федерализација и оти поради тоа народот е на нозе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.