ВМРО-ДПМНЕ: Заев и пред две години ветуваше инвестициски циклус, резултатот е нула

Зоран Заев се дави во корупција и скандали. Затоа очајно се обидува да ја дефокусира јавноста со наводен инвестициски план тежок 8 милијарди евра. Тој пред две години ветуваше ист ваков инвестициски циклус од пет милијарди евра, па кажуваше како ќе гради патишта, железници, енергетски проекти, училишта водоводи и што ли уште не. Резултатот од тоа е огромна НУЛА. Ништо од ветеното не изгради, ама затоа долгот го зголеми за 1,7 милијарди евра и истиот достигна историски рекорд од над 7 милијарди евра или 63% од БДП, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Патем потроши и рекордни буџети и пак нема никакви капитални инвестиции. Да знаел или да сакал да направи нешто за граѓаните ќе направеше во овие четири години. Реализацијата на капиталните инвестиции постојано е катастрофално ниска, а оваа година за цели пет месеци е само 22% од планираното.

Уште полоши се бројките и на полето на странски инвестиции. Македонија е убедливо на дното во регионот со 2 до 10-тина пати помалку инвестиции од соседните земји. Секој инвеститор бега од Македонија во широк лак затоа што гледа дека сме најкорумпирана држава во Европа и ја имаме најкорумпираната влада.

И сега со ваква неспособност и криминогеност на власта на Заев, тој очекува народот да му верува на новиот пакет лаги? Народот го прочита, го прочитаа и неговите членови. Ако Македонија сака да чекори напред, ако сакаме инвестициски бранови, ако сакаме економски резултати, треба да се помести главната пречка, Зоран Заев. Тој е олицетворение на криминалот и корупцијата што ја осиромашува Македонија, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.