ВМРО-ДПМНЕ: Заев крие од граѓаните што договарал во Софија

Премиерот Зоран Заев во предизборниот период ветуваше јавни дебати за секое позначајно прашање, како граѓаните би кажале што и како мислат, за сега да склучува меѓународни договори од витално значење за државата без за тоа да ги праша граѓаните и да објави што и како договорил, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од неделата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Заев од Софија порача дека ќе се бришат делови од учебниците по историја, без притоа да каже кој ќе одлучи што да се брише и оти рече дека завршува времето на национализам и омраза, директно обвинувајќи ја Македонија, без притоа да каже кон кого ширела нашата држава национализам и омраза.

„Додека Заев не пропушта прилика да удри по сопствената држава, молчи и одобрува националистички изјави на луѓе од регионот. Димитров јавно кажа дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, на што Заев не најде причина да реагира, исто како што не реагираше на изјавата на сопартиецот на Каракачанов дека Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, туку иста историја“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Заев молчи на сите напади врз Република Македонија иако како премиер е должен да ја брани Република Македонија и да работи во нејзин интерес.

Посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е за градење на добрососедски односи базирани на заемно почитување и оти поддржат сѐ што е во насока на подобрување на односите со соседите, но ништо што е во спротивност со интересите на македонскиот народ и држава.

„ Граѓаните од Заев не очекуваат разградување на националното ткиво, туку од него очекуваат да се зафати со работа и исполнување на ветеното. Граѓаните очекуваат 16.000 денари минимална плата и 30.000 денари просечна плата, нови 500 километри автопат, 550 километри магистрални и регионални патишта, додека лекарите очекуваат 100.000 денари плата, која Заев им ја вети“, истакнуваат во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.