ВМРО-ДПМНЕ: Заев не губи време во антиреформите

Владата на Зоран Заев не губи време да го оправда епитетот антиреформска, па така уривање на оградата околу владината зграда и укинување на програмата „Кембриџ“ се приоритетите на Заев и неговиот тим, реагираа во вторникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потсетуваат дека првата мерка што ја презема Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 одина беше законот за отпис на долгови на граѓаните, и притоа споредуваат дека тру години подоцна првата мерка на Владата на СДСМ е уривање на она што е веќе изградено.

Нема нови проекти, нема подобрувања, нема нова додадена вредност за граѓаните, се додава во соопштението.

„Граѓаните не сакаат деструкција, блокади и поништување на проектите. Граѓаните се против антиреформи. Тие очекуваат СДС да го исполни ветеното. Да не се реализира Тиранската Платформа и да се изградат нови 500 километри автопат. Граѓаните очекуваат минимална плата од 16.000 денари, просечна од 30.000 денари, а лекарите со право се надеваат дека час поскоро ќе добијат плати од 100.000 денари, кои СДС им ги вети“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Потсетуваат, исто така, дека граѓаните ги исчекуваат остварувањата на Заев дадени во предизборната кампања за дополнителни 30.000 денари годишно, како поврат на 15 отсто од ДДВ, како и дека очекуваат отпочнување на преговори за членство во ЕУ и влез во НАТО без да се задира во македонскиот идентитет.

„СДС нема да може вечно да живее на кредит употребувајќи го зборот „ќе“ и со лажни вести да се обидува да го дефокусира вниманието од ветувањата кои ги даде, обидувајќи се да го оцрни ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните се мудри и знаат што значи Влада која работи за нивно добро. Граѓаните ја гледаат разликата, а истата ќе ја види и СДС на првите наредни избори“, се заклучува во соопштението.