ВМРО-НП е за воведување на една изборна единица со отворени листи

ВМРО-Народна партија упатува целосна поддршка за конечна демократизација на изборните процеси во Македонија, наведуваат од оваа партија и додаваат дека има доволно време и овој процес да се усвои и имплементира уште на претстојните предвремени парламентарни избори. Затоа ја поздраваат иницијативата на премиерот Зоран Заев за усогласување на единствен став во парламентот во однос на промената на изборниот модел односно за воведување на една изборна единица со отворени листи и се надеваат дека во најбрз можен рок истиот ќе влезе во парламентарна процедура и биде изгласан од пратениците.

ВМРО-Народна партија предлага отворање на широк консултативен процес во форма на конференција на која ќе учествуваат сите политички партии кои се дел од македонската политичка сцена, но и претставници од меѓународната заедница.

На таа конференција би се усогласил единствен став помеѓу парламентарните и вонпарламентарните политички партии воедно и претставниците од меѓународната заедница би споделиле искуства од државите кои ги претставуваат.

„ВМРО-Народна партија и по осум години од моментот кога за прв пат предложивме промена на изборниот модел останува на ставот дека со ваквиот пристап не само што ќе се додемократизира и зајакне плурализмот во Македонија, туку и ќе се зајакне еднаков пристап кон сите партиско-политички субјекти со еднаква тежина на било чиј глас од градовите и селата во државата“,сметаат од ВМРО-НП.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.