Внуката на Коргачин: Како да го избришам преживеаниот терор на мојот народ?

Зоран Заев го навреди моето семејство, Заев ги навреди моите дедо и татко. Ме навреди мене и моето дете. Што јас да му раскажам, како да му ја пренесам семејната историја. Како да го избришам семејното херојство, но и преживеаниот терор на мојот народ. Зарем треба да го кријам мојот дедо од сопственото дете?, праша од пред Владата, внуката на Раде Јовчевски Корчагин, Калина.

-Потекнувам од семејство кое било директно вклучено во организирањето и борбата за ослобудвање на Македонија од фашистичкиот окупатор, како и за нејзино осамостојување. Раде Јовчевски Коргачин е мој дедо, еден од основачите на двата скопски партизански одреди, кои биле формирани со цел да ја ослободат Македонија од окупаторот. Зарем Македонците тогаш не можеле да разликуваат администрација од окупација, па формирале партизански одреди за да се борат против оние кои „пријателски“ убивале и вршеле злодела низ Македонија? Поради неговите дела и борба за ослободување на Македонија од бугарскиот фашистички окупатор, двапати бил осудуван со смртна пресуда во негово отсуство. Бил ладнокрвно убиен од Антон Ѓеоргиев Антов, бугарски агент по наредба на бугарската полиција. Се прашувам дали за ваква администрација Заев сега сака да ни наметне да мислиме дека ни помогнала во ослободување од окупаторот?, прашува Калина.

Коргачин отворено го праша Заев дали според неговото сфаќање на историјата, промената на 20-те табли на кои пишувало бугарски фашистички окупатор, значи почеток на менување до укинување на целата вистина.

-Значи ли дека неговата безрезервна љубов кон бугарската држава е вовед во второто убиство на Корчагин? Дали во интерес на добрососедството, гимназијата „Раде Јовчевски Коргачин“ ќе биде преименувана во „Антон Ѓеоргиев Антов“, убиецот на мојот дедо? Македонија, македонски народ, македонски јазик, македонска историја, македонска култура, македонска држава и република. Дали болат овие зборови? Дали некому му параат уши кога ги слуша, како Македонка и мајка. Се прашувам во каква Македонија ќе го оставам ова дете да расте? Како ќе му објаснам на ова дете дека еднаш беше една Македонија која имаше историја и луѓе кои ги дадоа животите за неа, ама беше предадена од еден на кого ништо не му беше свето и кој поради лични интереси даде се’. Народе, излези спротивстави се, не дозволувај да ти го одземат идентитетот затоа што без него ќе бидеш никој, порача од пред Владата внука на Раде Јовчевски Корчагин.