Во 2020 година Македонија бележи трипати поголем број сериозни напади врз новинари

Во 2020 година Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) регистрираше два физички напада и 12 различни форми на вербални закани по живот и други заплашувања, со што бројот на сериозни напади во земјава е 14 и е речиси три пати поголем од 2019 година.

Во текот на 2021 година, се регистрирани еден физички напад и една смртна закана како и три потешки попречувања на новинарки во процесот на известување од локалните избори или вкупно пет случаи заклучно со ноември. Карактеристика за оваа и изминатата година е што повеќето напади и закани се насочени кон жени новинарки – вели за МИА директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

Изборниот процес празник за демократијата, а пречка за слободното известување на медиумските работници.

И оваа година не изостанаа нападите, заканите, вербалните притисоци врз медиумските работници кои неуморно известуваа за текот на локалните избори.

До ЗНМ стигнаа три посериозни попречувања во работата на новинарите но и уште неколку други полесни повреди на правата на медиумските работници – вели Драган Секуловски.

Тој додава дека праксата покажува оти поплаките за попречување на работата на медиумските работници е поизразена за време на изборните кампањи, а имало примери кога попречувањата се случувале и на денот на изборите.

Во соопштението објавено од Здружението на новинари на Македонија се вели дека во неколку одвоени инциденти, новинарите Џумадије Ибраими од ТВ Клан, Салије Садику ТВ 21 и Ферикан Арифи од Еуроњуз Албанија и други беа опструирани во нивната работа додека известуваа за изборниот процес од членови на изборни комисии, членови на политички партии и полицајци.

ЗНМ ги осуди опструкциите и побара од надлежните итно да постапат и да ги решат пријавените инциденти.

Мрежата „SafeJournalists“, која застапува повеќе од 8200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на напорите на својата членка ЗНМ во подигање на свеста за проблемот со повреда на правата на новинарите особено во периоди на избори, додека правото на информирање е суштинско и се приклучува на повиците надлежните институции да ги разрешат инцидентите и да ги казнат сторителите – се вели во соопштението.

Извештајот на Европската Комисија со препорака за подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите

Извештајот го истакнува проблемот за напади кон новинари и укажува дека постои потреба од подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите – вели Секуловски.

Од страна на ЗНМ и новинарскиот синдикат се предлагаат нацрт – измени на Кривичниот законик, со цел да се зајакне заштитата на новинарите и другите медиумски работници со нивно сместување во групата професии кои ќе добијат дополнителна заштита кога ќе бидат изложени на напади и закани поради природата на нивната работа како и поголема проактивност од страна на обвинителството.

ССНМ и ЗНМ иницираа законски измени во Кривичниот законик со кој ќе се стави крај на нападите врз новинарите, односно тие ќе бидат санкционирани како напад врз службено лице.

Инаку, амандманите на овој закон се веќе во процедура во Собранието и според информациите со кои располагаат, директорот на ЗНМ посочи дека се очекува да бидат усвоени до крајот на 2021 година.

Ова е само еден чекор кон создавање на системски решенија за подобрување на состојбата на безбедноста на новинарите. Останатите решенија на кои инсистира ЗНМ се креирање на посебни одделенија во рамки на Основното јавно обвинителство кое би работело на истраги за повредите на правата на новинарите и тоа не само физички напади туку и онлајн закани и заплашувања кои се зачестени во последните години – посочи тој.

Во изјава за МИА директорот на ЗНМ додава дека од голема важност е и да се следи судската пракса, посебно за предметите во кои има оштетена странка новинар, со цел да има сознанија дали судиите ја почитуваат судската пракса од Европскиот суд за човекови права од Стразбур.

На веб-страната на ЗНМ е достапен јавен регистар поделен по години, каде што се наведени кои новинари, која година и од кого биле нападнати (во случаи кога е тоа познато), како и информацијата дали случаите се пријавени во МВР.

Согласно информациите на УНЕСКО, само во 2020 година во светот 62 новинари биле убиени само затоа што ја извршувале својата работа. Во период помеѓу 2006 и 2020 година над 1200 медиумски работници го загубиле животот. Во девет од десет случаи убијците остануваат неказнети.

По повод Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите што се одбележува на 2 ноември секоја година, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, истакна дека многу новинари ги загубиле животите додека известувале за конфликт, но бројот на медиумски работници убиени надвор од конфликтните зони се зголемил во последните години.

Во многу земји, истражувањето за корупцијата, трговијата со луѓе, кршењето на човековите права или еколошките прашања го става во ризик животот на новинарите – изјави Гутереш.