Во Албанија задолжително носење маски и на отворено

Албанскиот премиер Еди Рама од наредната недела најави дека ќе биде задолжтелно носење заштитна маска и на отворен простор.

„Оваа мерка за превенција од коронавирус ќе стапи во сила в четврток, 15 септември. Сите граѓани се обврзани да носат маска насекаде, на улица, на секој јавен простор, освен дома и угостителски објект каде што ќе седат на маса за да го потрошат тој дел од времето таму“, рече Рама.

Според него, казните за непочитување на мерката ќе бидат ригорозни и ќе се внесуваат во сметките за потрошена електрична енергија. Тој порача и дека ниту еден поединец не треба да се надева дека ќе ја избегне казната, при што сите земји од регионот се движат кон оваа мерка. Рама додаде и дека целта на секој Албанец не треба да биде повторно затворање, бидејќи тоа би било лошо за економијата а тоа е можно да се избегне само со носење маска.

„Да не затвораме ниту еден бизнис, ниту едно училиште, да не ја затвораме земјата, затоа што знаеме колку е лошо за економијата на земјата. Подобро маска денеска,отколку затворени дуќани утре, подобро маска денеска отколку затворени училишта утре, подобро маска денеска отколку цел град во карантин утре“, порача Рама.