Во Албанија зголемен бројот на случаи на перење пари

Шефот на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, Алтин Думани, денеска во Високиот совет на обвинители презентирајќи го извештајот за 2022 година изјави дека е забележан раст на случаите на перење пари.
-Случаите на перење пари се зголемуваат, а во текот на извештајната година се регистрирани и 12 нови случаи односно обвинувања добиени од странски законодавци. СПАК посвети посебно внимание на кривичните дела трговија со
наркотици или тероризам. Случаите поврзани со корупција се зголемени за 30 отсто, истакна тој, јави Ора њуз.
Од друга страна, тој наведе и дел од проблемите што ги констатирал во периодот додека е на чело на СПАК, а кои мора да се решат што поскоро.
Меѓу овие проблеми, рече тој, е пренесувањето на значителен број предмети од претходните години, како и немањето капацитети за обвинители, главно за истражителите на Бирото за истраги.
Додаде дека работат во многу ограничен амбиент и дека тоа може да предизвика „уништување на докази што ги собрале во текот на истрагата за одредено прашање“.
-Недостигот од простории и канцеларии каде ги извршуваме нашите функции е уште еден проблем, имаме алармантна состојба. Немаме канцеларии за обвинители, особено за истражители на Националното биро за истраги. Имаме многу докази во многу ограничена средина, ризикуваме да ги уништиме, оцени тој.
Според него останува проблем и состојбата со заостанатите предмети од изминатите години.