Кандидатот на Демократската партија за претседателските избори во САД, Џо Бајден има осум поени предност пред американскиот претседател Доналд Трамп во последната национална анкета спроведена од „Фокс њуз“.
Според анкетата, 52 отсто од гласачите го поддржуваат Бајден, додека 44 отсто велат дека нивните гласови ќе му припаднат на Трамп, два отсто велат дека ќе гласаат за трет кандидат, а други два отсто велат дека не одлучиле.
Сепак, околу 41 отсто од гласачите на Бајден велат дека ќе гласаат за него само за да го симнат Трамп, не затоа што го поддржуваат демократскиот кандадат.
Водството на поранешниот американски потпретседател во анкетата на Фокс њуз малку се намали од почетокот на октомври, кога тоа беше 10 поени пред Трамп.
Инаку, повеќе од 85 милиони Американци веќе го искористија своето право на глас на претседателските избори, вклучително и девет милиони во Тексас, каде што бројот на гласачи ја надмина вкупната излезност на последните избори во 2016 година.
Според податоците од базата за мониторинг на гласањето наречена „Изборен проект“ од Универзитетот во Флорида, предвременото гласање соборува рекорди низ САД.
Огромната излезност на предвременото гласање го одразува и големиот интерес на гласачите за изборите и нивната желба да избегнат ризик од коронавирусот и метеж на денот на изборите на 3 ноември.