Во Јапонија прв смртен случај од новиот коронавирус

18

Јапонија денеска го пријави првиот смртен случај предизвикан од коронавирусот.

– Поврзаноста помеѓу новиот коронавирус и смртта на 80-годишната жена се уште не е утврдена. Се работи за прв смртен случај, кој беше позитивен на вирусот, изјави јапонскиот министер за здравство Кацунобу Като.

Тој додаде дека позитивниот тест на новиот коронавирус е потврден по смртта на пациентката. Жената живеела во регионот Кабагава, јужно од Токио. Таа имала симптоми на болеста од 22 јануари, а била хоспитализирана на 1 февруари.

Во Јапонија се регистрирани 28 пациенти заразени со новиот вирус, од кои најмалку девет лица се вратиле од кинеската провинција Хубеј.

Претходно, јапонското Министерство за здравство соопшти дека уште 44 лица на крузерот „Дајмонд принцес“, кој е закотвен во близина на градот Јокохама, се заразени од новиот коронавирус. Со тоа бројот на заболени на бродот, на кој во карантин се наоѓаат повеќе од 3.500 патници и членови на екипажот, се зголемил на 218, од 713 лица колку што се досега тестирани.

Јапонските власти соопштија дека ќе им дозволат на некои повозрасни патници, кои биле негативни на тестот за коронавирус, да го напуштат бродот пред истекот на карантинот, 19 февруари. Министерот за здравство Кацунобу Като истакна дека тие ќе заминат од бродот уште утре, а останатото време за карантин ќе го продолжат на копно.

Според јапонските медиуми, околу 80 отсто од патниците се над 60-годишна возраст, 215 се на 80-годишна возраст, а 11 лица имаат по 90 години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.