Во Австралија ги ублажуваат мерките: плажите отворени, на гости по двајца

Најнаселената австралиска сојузна држава соопшти во вторникот дека ќе ги ублажи некои од рестрикциите за движење на населението откако повторно се отворени плажите во надеж дека политиката на зголемен број тестирања ќе помогне во сузбивањето на ширењето на коронавирусот.

Плажата Бонди и уште две соседни плажи во Сиднеј се отворени во вторникот за локалното население. Со тоа е поништена одлуката на локалните власти за нивното затворање, донесена поради големите тисканици и кршењето на мерката за ткн социјално дистанцирање.

Државата Нов Јужен Велс, во којашто се забележани речиси половината од севкупниот број случаи на зараза со коронавирусот во Австралија, во меѓувреме соопшти дека ќе дозволи од петокот две возрасни лица да посетат трето во неговиот дом. Со тоа се ублажува мерката за забрана на движењето без неопходна потреба.

„Многу луѓе се затворени во своите домови повеќе седмици и освен вежбањето, одењето на лекар или купувањето на неопходните работи или одењето на работа, многумина се изолирани во своите домови. Две возрасни лица ќе може да посетат некој во неговиот дом за да се намали социјалната изолација и да се подобри менталното здравје“, изјави на прес-конференцијата во Сиднеј, премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклјан.

На децата им е дозволено одење во домашни посети, а лицата кои не се чувствуваат добро треба да останат дома, додаде премиерката.

Австралија, делумно и поради својата географска изолираност како и соседен Нов Зеланд, го избегна големиот број смртни случаи во пандемијата на коронавирусот, каков што е забележан во други земји. Австралиските здравствени власти потврдија 6.723 заразени лица, од кои 84 смртни исходи биле поврзани со коронавирусот.

Поради тоа, австралиските сојузни држави започнуваат со ублажувањата на некои ограничувања. Владите на државите воспоставија центри за тестирање и сега ги охрабруваат граѓаните да се тестираат, без разлика на тоа дали имаат симптоми или не.