Во Австралија поништени над 30.000 казни за прекршување на анти-ковид мерките

Врховниот суд на Нов Јужен Велс, најнаселената држава во Австралија, прогласи за неважечки повеќе од 31 илјада казни за прекршување на мерките против пандемијата. Поради тоа, казните ќе бидат укинати, а на граѓаните кои веќе ја платиле казната ќе им бидат вратени парите, пренесува Скај Њуз.

Казни за непочитување беа издадени за низа прекршоци, од заедничко патување до присуство на јавни собири. Тие се движеа од илјада до три илјади австралиски долари. Владините адвокати на крајот признаа дека казните не ги исполнувале законските услови.

Комесарот на Управата за казни повлече 31.121 од вкупно 62.138 казни. Управата соопшти дека приоритет бил здравјето и безбедноста на жителите за време на пандемијата и додаде дека повлекувањето на казните „не значи дека не се направени прекршоци“.

Правниот центар Редферн (РЛЦ), кој ја поднесе тужбата до Врховниот суд, ја поздрави одлуката како „голема победа“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.