Во Австралија владеат „невообичаени“ пролетни горештини

Големи делови на Австралија беа погодени од „невообичаени“ пролетни горештини, соопшти во саботата Националната метеоролошка служба, предвидувајќи рекордни температури за неделата.

Во Сиднеј, главниот град на најнаселената австралиска држава Нов Јужен Велс, според тврдењата температурите достигнале 34,2 степени Целзиусови на аеродромот Кингсфорд Смит крај Сиднеј, или повеќе од 12 степени над просекот за септември, според Бирото за метеорологија.

Синоптичарите оваа седмица објавија дека временскиот феномен Ел Нињо ќе се зајакне меѓу септември и ноември, што ќе донесе потопли и суви услови во Австралија. Бирото за метеорологија објави дека „раните“ горештини во многу делови од земјата биле „многу невообичаени за септември“.

„Овие температури ќе се зголемуваат од недела до вторник. Рекордни септемвриски дневни и ноќни температури се очекуваат од недела до четврток низ внатрешноста на Јужна Австралија, Нов Јужен Велс и североисточна Викторија“, се вели во објавата на Facebook, со температури меѓу 8 и 16 Целзиусови над просекот.

Метеоролошкиот феномен Ел Нињо може да предизвика екстремни временски услови од шумски пожари до циклони и продолжена суша, а австралиските власти веќе предупредуваат на зголемени ризици од шумски пожари ова лето.

Густ чад го прекри Сиднеј неколку дена оваа недела, додека пожарникарите спроведуваа контролирани пожари за да се подготват за претстојната сезона на шумски пожари.

На плажата Бонди, жителката на Сиднеј, Бела Калаган, изразува загриженост за тоа колку жешко може да стане во наредните месеци. „Ќе ни треба многу силен крем за сончање“, рече таа. Нејзината сограѓанка Даниел Вангу, пак, е загрижена за тркачите на маратонот во Сиднеј, кој треба да се одржи в недела. „Ќе размислувам за нив утре додека веројатно сум тука на плажа, но дефинитивно ќе им биде тешко, па се надевам дека ќе се одморат малку.

Последните две сезони на шумски пожари во Австралија беа тивки во споредба со катастрофалното „црно лето“ на шумски пожари во 2019/2020 година. кој уништи област со големина на Турција и уби 33 лица.