Во Австрија бројот на жртвите од коронавирусот достигна 25

Бројот на починатите како последица од зараза со коронавирусот во Австрија достигна 25, а заразен се над 4.400 лица, соопшти во вторникот тамошното министерство за здравство.

Претходно во понеделникот во редовниот извештај, австриските здравствени власти известија за 21 починат и 3.924 заболени. Австриското министерство за здравство ги објавува информациите за тековната состојба со коронавирусот двапати дневно, во 8 и во 15 часот.

Според податоците од 8 часот во вторникот, во Австрија е спроведен 28.391 тест на коронавирусот, од кои 4.486 биле позитивни. Во понеделникот министерот за здравство, Рудолф Аншобер, изјави дека ќе биде зголемен бројот на тестовите на коронавирусот ширум земјата.

Најмногу случаи се пријавени во сојузната покраина Тирол, која граничи со најпогодената европска земја Италија, и има 1.064 заразени, а во главниот град Виена има 562 инфицирани. До вторникот, од инфекцијата починале 25 луѓе, од кои 11 се од Виена.

Во моментов во Австрија работат само продавниците за основни продукти и аптеките, најголемиот дел од вработените и учениците минуваат на работа од далечина.

Дозволено е напуштање на домовите само за набавка на храна, лекови или куса поршетка, при што движењето треба да биде на едно лице или во придружба на лица од домаќинството. Забрането е собирање во групи од повеќе од пет лица, и овие рестриктивни мерки на сила се до 13-ти април, со можност да бидат продолжени. За прекршување на овие прописи предвидени се парични казни до 3.600 евра.