Во Австрија карантин за невакцинираните од Ковид-19

44

Околу два милиони жители на Австрија кои не се целосно вакцинирани против Ковид-19 се ставени во карантин откако земјата се соочи со раст на новите случаи на заразени со вирусот.

Невакцинираните луѓе ќе можат да го напуштаат својот дом само во ограничени околности – како одење на работа и купување храна.

„Не го преземаме лесно овој чекор, но, за жал, тоа е неопходно“, рече канцеларот Александер Шаленберг.

Околу 65% од населението на Австрија е целосно вакцинирано, што ја прави земјата една од најслабите во овој поглед во Западна Европа.

Во меѓувреме бројот на новозаболени во последните седум дена изнесува 800 случаи на 100.000 луѓе, што е меѓу највисоките во Европа.

Гледано во целина, Европа повторно е регион кој е најсериозно погоден од пандеимијата и неколку други држави исто така воведуваат рестрикции и предупредувања за растот на случаите.

Мерките во Австрија, кои започнуваат од денеска, се наменети да го намалат притисокот врз болниците во државата. Според одлуката, овие мерки првично ќе траат 10 дена.

Оваа мерка нема да ги опфати децата под 12 години и луѓето кои во последниот период го прележале вирусот.

Викендов стотици луѓе протестираа пред владината зграда во Виена со транспаренти на кои пишуваше „Наши тела, наша слобода на избор“. Според дел од граѓаните на овие собири овие мерки се дискриминаторски.

Невакцинираните лица и претходно имаа забрана од посета на ресторани, фризерници и кино-сали, но сега од нив ќе се очекува најголемиот дел од времето да го поминуваат дома.

Австриската влада соопшти дека полицијата ќе врши проверка на јавните простори за утврдување на вакциналниот статус на лицата и ќе казнува евентуални прекршувања на мерките.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.