Во Баку одржан состанок на претставници на НАТО и руската војска

Врховниот командант на НАТО за Европа, американскиот генерал Тод Волтерс и началникот на Генералштабот на руската војска, генерал Валериј Герасимов во Баку разговараа за одржување контакти за да се избегнат „воени инциденти“.

„Волтерс и Герасимов разменија мислења за стратешките безбедносни прашања, разговараа ситуацијата во кризните подрачја и за практични мерки за спречување воени инциденти“, се наведува во соопштението на руската војска.

НАТО соопшти дека генералите размениле информации за активностите и воените вежби на двете страни за промовирање транспарентност и взаемна воена предвидливост.

Тоа е втора средба на Герасимов и Волтерс, кој во март 2019 година беше поставен за врховен командант на здружените сили на НАТО во Европа. Првата средба беше во јули 2019 година, исто така во Баку.

НАТО ќе одржи голема воена вежба во мај и јуни на која ќе учествуваат 37.000 војници од 18 земји. Вежбата, наречена „Defender-Europe 20“, ќе ангажира најголем број американски војници во Европа во последните 25 години.

Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг неодамна рече дека таа вежба не е насочена против некои земји и дека НАТО не сака судири со Русија.