Во Баварија демохристијаните влегуваат во преговори со Слободните гласачи

Водството на Христијанско-социјалната унија (CSU) одлучило да започне преговори со претставниците на новата политичка групација Слободни избирачи за формирање на влада во сојузната покраина Баварија, пренесуваат германските медиуми во четвртокот повикувајќи се на извори од врвот на баварските конзервативци.

Откако во средата објави подготовки з опатијата Зелени и со Слободните гласачи, челниците на CSU во четвртокот се решиле за започнување на преговори со Слободните гласачи. Баварскиот премиер и член на претседателството на CSU, Маркус Шедер, веднаш по неделните избори на кои стана јасно дека неговата партија речиси првпат по четири децении не располага со апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент, веднаш изрази подготвеност за коалиција со Слободните гласачи.

Истото веднаш го сигнализираше и претседателот на Слободните гласачи, Хуберт Ајвангер. „Во моментов не гледаме некои пречки за соработка со CSU“, изјави во средата Ајвангер, по подготвителните разговори со претставниците на демохристијаните.

Слободните гласачи, кои на изборите за баварскиот парламент со освои 11,6 отсто од гласовите станаа третата политичка сила, политички ги застапуваат ставовите на умерениот центар, и нивните цели во многу сфери се совпаѓаат со програмата на конзервативната CSU.

Партијата Зелени, којашто на изборите во Баварија со освоените 17,5 отсто од гласовите, стана втора по моќ партија во покраината, изрази разочарување од одлуката на CSU да ги започне преговорите со Слободните гласачи. „CSU ја пропушта можноста за нов почеток во Баварија“, изјави претседателот на пратеничката група на Зелените во баварскиот парламент, Лудвиг Хартман.

На изборите во неделата партијата од владејачката коалиција на сојузно ниво претрпеа историски неуспех. CSU, која е сестринска партија Христијанско=демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел, со освоени 37,2 отсто загуби 10 отсто од гласовите и со тоа апсолутно мнозинство кое го имаше во Баварија, а Социјалдемократската партија на Германија (SPD) првпат во историјата со освоени 9,7 отсто падна под границата од 10 отсто, дури и зад крајно десната Алтернатива за Германија (AfD).