Во Баварија стапи на сила уредбата за крстови во јавни установи

Уредбата на баварската влада за обврската за истакнување на крстот како христијански симбол во сите јавни установи, стапи на сила во петокот, но и натаму предизвикува спротивни реакции како во Баварија, така и ширум Германија.

„Суверен премиер би ја признал грешката и ја повикал уредбата“, изјави лидерката на опозицијата во баварскиот парламент и претседателка на баварскиот огранок на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Наташа Коен за дневниот весник Augsburger Allgemeine.

Коен, премиерот на Баварија, Маркус Зедер, кој доаѓа од Христијанско-социјалната унија (CSU) одново го обвинува дека христијанскиот симбол го злоупоебува за предизборни цели. Изборите за баварскиот парламент ќе се одржат во октомври, а CSU досега со децении имаа апсолутно мнозинство во него кое сега може да го загуби.

За опозициските Зелени уредбата за задолжителното истакнување на крстови во јавните институции претставува „јасно кршење на Уставот“ и неговите прописи за одвојување на државата и црквата.

Според уредбата на баварската влада од 24-ти април годинава, од денеска на сите влезни простории во јавните установи, со исклучок на универзитетите, театрите и музеите, мора да биде истакнат крстот како „одраз на историскиот и културниот идентитет на Баварија“. Се однесува на државните институции, значи оние установи кои се во директна надлежност на централните баварски власти, додека на градовите и општините им е препуштено самите да одлучат за истакнувањето на крстовите.

Министерството за внатрешни работи на Баварија објави дека не се предвидени контроли дали се спроведува или не оваа уредба за крстовите, којашто предизвија и контроверзии во Католичката црква во Германија.

Минхенскиот кардинал Рејнхард Маркс ја критикуваше ваквата уредба сметајќи дека таа само ќе внесе раздор. „Покрај тоа, кој крстот го гледа само како културен и историски израз на идентитетот тој не го сфатил неговото значење“, вели Маркс во разговорот за весникот Sueddeutsche Zeitung.