Во Белгија 267 лица заболени со коронавирус, Владата воведе превентивни мерки

Во Белгија денеска се регистрирани 28 нови случаи на лица заразени од коронавирусот. Со тоа вкупната бројка на заболени достигна 267.

Националниот совет за безбедност денеска попладне одржа состанок на кој беа усвоени нови мерки за борба против епидемијата.

Новите мерки вклучуваат препорака за одложување на училишните екскурзии и прослави во училиштата, препорака да се забранат настани со повеќе од 1.000 лица во затворен простор, препорака до фирмите и администрациите да преферираат работење од дома. Властите не препорачуваат затворање на училиштата, а за настани што се одржуваат на отворено има само препорака за лица со здравствени проблеми, да ги избегнуваат.

Премиерката на Белгија, Софи Вилмес изјави дека властите „не сакаат да придонесуваат за анксиозноста што веќе постои”. Таа додаде дека Белгија минува во „зајакната фаза 2” со цел да се намали ширењето на вирусот. На прашањето зошто тоа не било направено порано, таа одговори дека досега за такво нешто немало потреба. Според неа, се откриваат се повеќе случаи на лица заразени локално, лица што немале контакт со луѓе од ризичните региони.