Во Белгија заразноста со Covid-19 се зголемила и при 70 отсто вакцинирани

Белгиските власти достигнаа 70,1 отсто целосна вакцинираност од возрасното население над 18 години против коронавирусот, но забележуваат зголемивање на инциденцата од 4 отсто, соопшти во петокот Националниот институт за здравство Sciensano.

Претходно Европската комисија постави задача до крајот на јули да бидат вакцинирани 70 отсто од населението во Европската унија со цел да се стекне ткн колективен имунитет против коронавирусот и да се забави ширење на опасната болест Covid-19. Досега, вкупно во 27-те членки на ЕУ, 57 отсто од населението е целосно вакцинирано, а притоа 70 отсто од возрасните примиле барем една доза.

Во Белгија најмалку една доза од вакцините досега примиле 83,3 отсто или осум милиони луѓе, а 6,5 милиони или 70,1 отсто се целосно вакцинирани. Највисок ваков показател во земјата е регистриран во регионот Фландрија од 73 отсто, а најнизок во регионот на главниот град Брисел од 53 отсто.

Притоа, според податоците на Sciensano, во седмицата од 23-ти до 29-ти јули во Белгија растот на заразеноста со коронавирусот изнесувал 4 отсто или, во просек, 1.469 заразени лица на ден. Стапката на хоспитализациите поради Covid-19 се зголемил за 23 отсто, или во просек 33 лица дневно биле примени во ковид-болниците. Во белгиските болници има само 318 лица, но тоа е раст од 10 отсто во однос на седмица претходно, од кои 93 пациенти се наоѓаат на одделите за интензивна нега, а што е раст од 12 отсто. Во просек, по двајца пациенти дневно умираат од коронавирусот, во споредба со 0,9 лица дневно во текот на претходната седмица.

Вкупно, од почетокот на епидемијата на коронавирусот во Белгија во март минатата 2020 година починале 25.235 лица.

Зголемувањето на показателите лекарите ги поврзуваат со фактот дека Белгијците кои летувале во странство во земјите со неповолна епидемиолошка состојба, се враќаат во својата татковина и со себе го „носат“ коронавирусот. Според истражувањето спроведено од Универзитетот во Антверпен, 30 отсто од Белгијците наведуваат дека во земјите каде што летувале годинава, епидемиолошките мерки се послаби или помалку се почитуваат од тамошното население отколку во Белгија.