Во Белгија и Холандија соборени температурните рекорди

EPA/LUCAS DOLEGA

Апсолутните температурни рекорди се урнати во средата во Белгија и во Холандија, а во четвртокот во западна Европа каде владее голема жега се очекува натамошен раст на температурите.

На југот од Холандија, во Гилзе Ријен измерени се 38,8 Целзиусови степени, што е најмногу досега. Последниот температурен рекорд бил регистриран во 1944 година и изнесувал 38,6 степени, објави холандскиот Кралски метеоролошки завод (KNMI).

И во Белгија, каде што поради горештините првпат е прогласена „црвена“ метео-тревога, урнат е историскиот рекорд со 38,9 Целзиусови степени измерени во Клејне-Брогел, на североистокот од земјата, што е „најмногу од почетокот на мерењата во 1833 година“, истакнал Давид Дегенаув, главен прогностичар во Кралскиот метеоролошки завод (IRM).

Меѓутоа, метеоролозите предупредуваат дека најлошото допрва претстои и најавуваат пораст на температурите до петок.

Париз најверојатно веќе во четврток ќе го надмине температурниот рекорд од 1947 година, кога биле измерени 40,4 степени. Во Франција на сила е „портокаловата“ тревога, прогласена за голем дел од територијата , е проширен и на северот од земјата, па и за престолнината. Во повеќе француски градови во вторникот беше надминат апсолутниот температурен рекорд, во прв ред на југозападот.

„Ова е првпат топлотниот бран да го зафаќа северот на нашата земја каде што населението не е навикнато на такви горештини. Затоа ве молам да ја удвоите претпазливоста“, истакна министерката за здравство Ањес Бузин.

Во Германија за целата земја е издадено предупредување поради високите температири. Во 14,30 часот Бон беше најтопол со 38,7 степени. Езерата и реките привлекоа голем број капачи, а за жал од вторникот вечерта се удавиле три лица. Во четврток се очекува пораст на температурите до 41 Целзиусов степен, па така и надминување на рекордот од 40,3 степени колку што во 2015 година беа измерени во Баварија.

И Велика Британија „најверојатно ќе го надмине рекордот забележан во јули од 36,7 степени, а постои можност и од уривање на апсолутниот температурен рекорд од 38,5 степени“, објави британската метеоролошка служба Met Office. Лондонската полиција во средата соопшти дека трага по три лица кои се водат како исчезнати а се капеле во Темза.

И Луксембург кој очекува температури повисоки од 35 степени, објави во средата дека издал „црвена“ тревога. Во Италија властите во средата, исто така, го објавија навискиот трет степен на опасност од топлотен бран за пет градови: Болцано, Бреша, Фиренца, Перуџа и Торино.

За половина од Швајцарија е објавена „портокалова“ метео-тревога од топлотен удар и државна метеоролошка служба предвидува „големо топење на снегот на планинските врвови“, каде што изотермата од 0 Целзсиусови степени во средата минува на невообичаено високата надморска височина од 4.800 метри, што е повеќе од највисокиот плансински врв во земјата.