Бифето на поранешниот претседател Иванов за 4 месеци потрошило 8.300 евра за кафиња и сокови

Бифето на Кабинетот на поранешниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов
за последните четири месеци од неговиот мандат потрошило 512.000
денари или приближно 8.300 евра за кафиња и сокови за гости, информира„А1 он“.

„А1 он“ од Кабинетот на претседателот преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер ги доби податоците за трошоците за репрезентација додека претседател бил Иванов. Во Кабинетот немало правилник за трошоците за репрезентација, во кои влегуваат и угостителски услуги, па се пиело и јадело без пропишана процедура за тоа кој смее да ги користи овие услуги.

Приближно 17,5 илјади евра биле потрошени за ресторани и подароци за
овој период. За ручек со добитници на повелба во ресторанот „Стара куќа“ во
Скопје биле потрошени 32.600 денари, за ручекот во чест на добитници за медал
во „Фиш ресторан“ биле потрошени 45.360 денари. Во ресторанот „Старо
буре“ во Лептокарија биле потрошени 43.530 денари за частење по повод
манифестацијата „Најмлад научник“. Се јадело и во струшкиот ресторан „Бисуба“.
На обезбедувањето на претседателот кое доаѓа од им следувал топол оброк, но и
таму немало процедура дали тоа важи само кога обезбедувачите се дежурни
или во секое време. Во првите четири месеци за оваа намена биле потрошени
340 илјади денари за оброци за обезбедувањето. 200 илјади денари биле
потрошени за подароци, марами и вратоврски. Во нив влегува и резбата
што Иванов му ја подари на папата Франциско, која чини 38 илјади денари.
Извори од Кабинетот на Пендаровски велат дека ништо од старите подароци
не останало. Податоците за овие трошоци од изминатите години во Кабинетот на наше
барање сè уште ги пресметуваат.

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски информираа дека донеле
Правилник за користење угостителски услуги кои се на државен трошок и дека
отсега тоа ќе биде регулирано. Право на користење на овие услуги би
имале претседателот, генералниот секретар и замениците на генералниот
секретар. Пендаровски ќе има лимит на користење од 15 илјади денари месечно
за овие трошоци.