Во БиХ 304 новозаразени со коронавирусот

Во Босна и Херцеговина во саботата се потврдени 304 нови случаи на зараза со коронавирусот, а во Федерацијата БиХ стапија на сила дополнителни рестриктивни мерки чијашто цел е да се спречи забрзаното ширење на инфекцијата.

Според податоците од ентитетските заводи за јавно здравје, во Федерацијата БиХ тестирани се 1.016 примероци а заразата е потврдена во 174 случаи. Во Република Српска тестирани били 663 примероци а заразата е утврдена во 130 случаи. Во овој ентитет од петокот се потврдени и три смртни случаи кои може да се доведат во поврзаност со заразата со коронавирусот.

Поединечно, најмногу нови случаи на заразата во изминатите 24 часа имало на подрачјето во Сараево каде што има 82 новозаразени лица. Следи Бања Лука со 23 случаи и Бијељина со 19 новозаразени.

Од почетокот на епидемијата на коронавирусот во БиХ, досега се потврдени 9.767 случаи на зараза од кои 280 завршиле со смртен исход.

Здравствените власти во БиХ процениле дека главна причина за секојдневниот троцифрен број на новозаразените е собирите на поголем број луѓе кои притоа не носат маски, ниту одржуваат физичка дистанца.

Со одлука на ентитетскиот кризен штаб на Федерацијата БиХ поради тоа од саботата на сила е одлуката според која во затворените простори може да се соберат најмногу до 50 луѓе, а на отворено до стотина. Притоа, мора да се придржуваат на запштитните мерки, односно задолжителното носење маски и одржување на меѓусебна оддалеченост од најмалку еден метар.

Истовремено, ограничено е и работното време на угостителските објекти, па сите такви во Федерацијата БиХ во однина ќе може да работат најдоцна до 23 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.