Во БиХ и 24 години по војната се уште има 8.050 сомнителни опасни подрачја со мини

Дваесет и четири години по војната во БиХ, се уште има околу 8.050 сомнителни опасни подрачја поради мини на територија од 995,87 квадратни километри и 917 потврдени опасни области од 22,14 квадратни километри.

Босна и Херцеговина успеа да ослободи вкупно 158,5 квадратни километри во текот на изминатите пет години, уништувајќи 8.992 мини и 9.992 други експлозивни остатоци од војната, јавија локални медиуми.

Оваа година во БиХ беа регистрирани две несреќи при деминирање во кои тројца деминери беа повредени, а две со смртен исход, според Центарот за расчистување мини во БиХ.

Директорот на тој центар Саша Обрадовиќ и амбасадорот на БиХ во Норвешка Недим Макаревиќ, како делегација на БиХ,  ќе зборуваат за таа тема за време на Четвртата ревизиска конференција „Свет без мини“ во Осло од 25 до 29 ноември, по повод одбележувањето на 20-годишнината од влегувањето во сила на Конвенцијата за забрана на производство, употреба, складирање и трансфер на противпешадиски мини.