Во БиХ во понеделник 10 починати и 165 новозаразени со коронавирусот

Десет лица починале во Босна и Херцеговина во изминатите 24 часа како последица од зараза со новиот коронавирус, а инфекцијата е потврдена кај уште 165 лица, соопштија во понеделникот ентитетските заводи за јавно здравство.

Во Федерацијата БиХ биле тестирани 627 примероци, при што заразата со вирусот SARS-CoV-2 е потврдена во 125 случаи. Во Република Српска биле тестирани 586 примероци а заразата е потврдена кај 40 лица.

Најголемото жариште и натаму е подрачјето на Сараево, каде од неделата се потврдени уште 53 случаи на заразата. Во главниот град на БиХ од избувнувањето на епидемијата досега се регистрирани над 2.200 коронаинфекции, што е 18 отсто од вкупниот број зарази во целата земја. Второ најголемо жариште е Бања Лука, со малку повеќе од 1.200 потврдени зарази од март.

Поради постојаниот висок двоцифрен број новозаразени на дневно ниво во Сараевската жупанија, веќе еден месец локалните власти наложија спроведување строги мерки на надзор за спроведувањето на мерките за епидемиолошка заштита. Од кризниот штаб соопштија дека полицијата и инспекциите засилено ќе го санкционираат неносењето заштитни марки.

Според досегашните податоци, во изминатите шест месеци во БиХ се потврдени 12.296 случаи на зараза, од кои 352 завршиле со смртен исход, а оздравеле 6.312 пациенти.