Во БиХ воен шеф на полицијата на Пале обвинет за злосторства против човештвото

Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска подигна обвинение за воени злосторства против Малко Короман, кој за време на војната во БиХ беше началник на полицијата на Пале.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се вели дека Короман е обвинет за прогон на бошњачки цивили од областа на Пале и околните места.

Обвинението за злосторства против човештвото содржи податоци за убиства, незаконско приведување, злоупотреба и други нехумани дела. За Короман се вели дека е директно одговорен за злосторства против десетици цивили, кои нелегално беа приведени во полицискиот штаб на Пале и злоупотребени и тепани таму, поради што и дел од нив ги загубија животите.

Истрагата откри дека Короман, како началник на полицијата на Пале, бил свесен за сторените злосторства и ги одобрувал и ги охрабрувал и не направил ништо за да ги заштити цивилите.