Во Битола се одржа вечер посветена на Аајри Демировски

Новинарот на „Битолски весник“, Менде Младеновски синоќа во Битола промовира документарен филм посветен на Ајри Демировски, прв Почесен граѓанин на Битола и автор на песната „Битола мој роден крај“.

Пред аудиториумот, авторот Младеновски го претстави животниот пат на Ајри Демировски, деновите кога во Загреб во минатиот век ја напиша насекаде познатата и одомаќинета песна „Битола мој роден крај“, која и денес се пее и слуша на сите континенти, како и филмовувани стории од познати музички ѕвезди кои во разни прилики ја пееле песната „Битола мој роден крај“, меѓу кои Оливер Драгоевиќ, Лепа Брена, Аки Рахимовски, хор и солисти од Турција, Јапонија и други држави.

– Некои рекле дека со смртта на луѓето, умираат и сеќавањата за нив. Но, времето на заборавот не е исто за сите. За некои сеќавањата избледуваат уште истиот миг, за други траат извесно време, а за човекот како Ајри Демировски траат цело време. Тоа е така, затоа што таквите луѓе, едноставно, не умираат. Тие живеат вечно и по смртта, истакна авторот на документарниот филм за Ајри Демировски, Младеновски.

Сеќавања и импресии за средбите со Ајри Демировски (Битола, 1927 – Измир, 2010) искажаа познати македонски естрадни имиња, новинарот Петар Ставрев, Велчо Петровски, Валентин Соклевски, автор на текстот на песната за Ајри, „Душата ми е во Битола“, кој како што рече е инсипирирана од интервјуото за МИА со Ајри Демировски реализирано во Измир во 2007 година од новинарот Марјан Танушевски, кој воедно предложи Ајри Демировски да биде избран за прв Почесен граѓанин на Битола, а предлогот со посебна одлука во 2007 година беше потврден од Советот на Општина Битола.

Во музичката програма на вечерта посветена на Ајри Демировски, културен настан поддржан од Општина Битола, настапија Сефедин Бајрамов, Билјана Дамјановска и Маргарита Христова.