Во близина на Клиниката за пулмологија е отворена модуларна болница

Филипче беше на отворањето на модуларната болница на Клиниката за пулмологија, каде што пациентите со симптоми на ковид 19 ќе бидат одделени од оние со хронични респираторни заболувања, како категорија со најголем ризик. Министерот рече дека овој објект е направен за рекордно време со донација од 122 илјади евра, но призна дека доцнат со уште 16 други модуларни болници како проекти на Светска Банка. Вети дека ќе бидат подготвени за два месеци, како превентива за новиот бран што се очекува наесен, а врвот да го достигне во јануари.

Според директорот на Пулмологија, есенскиот бран ќе започне кога фактори како магла и смог заедно со сезонскиот грип ќе влијаат на влошување на епидемиолошката состојба.

Додека здравствениот систем презема мерки за зголемување на капацитетот на болниците за да им се помогне на пациентите со корона вирусот, ковид 19 зема замав меѓу граѓаните. Само денеска се евидентирани 109 нови случаи или вкупно 14.871 заболени, од кои 2.208 се активни случаи. Во последните 24 часа починаа тројца пациенти, со што вкупно 609 лица ја загубија битката со овој вирус. Регистрирани се 89  излечени, со што вкупната бројка достигна 12.054 лица.