Во болниците се лекуваат 1.334 пациенти, во Скопје 53 нови пациенти

Изминатите 24 часа во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 768 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, додека во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 53 нови пациенти поради компликации од коронавирусот.

Вкупно 566 лица сомнителни и потврдени за ковид се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Во последното деноноќие на интерните и хируршки клиники имало 20 приеми.

Според Министерството за здравство (МЗ), вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.334 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид-центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

– Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 160 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени – наведува МЗ.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 111 пациент позитивен и суспектен на ковид. Во болницата во Штип се хоспитализирани 70 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 36 пациенти, во Велес се лекуваат 82 болни, а во Куманово 92 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 85 пациенти, во Прилеп 77, во ковид центарот во Гостивар 27, а во Струга 16 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 68 пациенти, во Кочани 21 во Кичево 29, Кавадарци 38, а во Гевгелија 16 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 17 примени пациенти и 13 билe примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не  билe примени  болни, а двајца пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина, е примен еден нов пациент. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 63 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 224 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 131 болен, а на Клиниката за инфективни болести лежат 144 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 22 пациенти. На Клиниката за детски болести има 7 деца позитивни на ковид и 4 мајки, а на ГАК има 5 позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и  рехабилитација има 30 болни.