Во Британија повеќето позитивни на коронавирусот се без симптоми

Само 22 отсто од лицата во Велика Британија кои биле позитивни на тестовите на коронавирусот, имале симптоми на денот кога е изведено тестирањето, објави во средата бритнаскиот завод за статистика.

Тоа укажува на важноста на проблемот со лицата кои не се свесни дека го носат вирусот и го шират наоколу, коментира во својот прилог BBC.

Анализата на статистичките податоци покажала дека е поголема веројатноста дека здравствените и работниците во системите за социјална заштита, кои ќе бидат тестирани, да бидат позитивни на вирусот.

Статистичките податоци покажуваат дека во Обединетото Кралство од март до јуни годинава имало 59.000 повеќе починати во однос на просекот во претходните пет години. Според офцијалните податоци, пак, вкупно од Covid-19 починале над 44.000 луѓе.

Статистичките податоци укажуваат на некои обрасци, како на пример оној дека луѓето кои во својата работа имаат директни контакти со другите и кои не работат од дома имаат поголеми изгледи за позитивен тест на коронавирусот.

Постојат, исто така, и докази дека луѓето кои живеат во поголеми семејства имаат поголеми шанси да бидат позитивни на коронавирусот, во однос на домаќинствата со помал број членови.

Иако мажите статистички имаат поголем ризик да починат од коронавирусот, споменатата студија не покажала дека имаат и поголеми шанси да се заразат.

На опасноста од пренесување на вирусот преку асимптоматските носители, веќе предупредуваа Светската здравствена организација и научните советници на британската влада, но не се знае колкав е ризикот од таквата трансмисија на вирусот.

Статистичкото истражување покажало дека кај 78 отсто од позитивните на корнавирусот кои на денот на тестирањето немале симптоми, станувало збор за ткн пресимптоматски болни и асимптоматски, оние кои никогаш не развиле симптоми. Во однос на вкупниот број испитаници опфатени со ова истражување, 33 отсто имале симптоми, и тоа 22 на денот на тестирањето а другите дополнително.