Во Буџетот на Град Скопје нема средства за проект фонд за поддршка на млади таленти

На денешната седница, во рамките на амандманската расправа советничката Анета Стојановска-Стефанова предложи амандман со кој во Буџетот на Градот Скопје би се предвиделе 3 милиони и 200.000 денари за реализација на проект за млади и младинска политика, во насока на грижа за младите. Советничката Стојановска-Стефанова предложи формирање на посебен фонд во градскиот буџет за финансика поддршка на младите таленти во градот Скопје, со што на младите таленти би им се дал “ветар во грбот“.

Со прифаќањето на овој амандман, на конкурс ќе се овозможи месечна финансиска поддршка за најмалку 150 талентирани ученици, од основното и средното образование, како и за студенти на ниво на градот Скопје, кои не се корисници на друга стипендија. Воведувањето на посебен фонд во градскиот буџет за поддршка на младите таленти ќе значи инвестиција во иднината на градот Скопје и Република Македонија. Преку овој Фонд би се поттикнале и мотивирале за повисоки резултати младите ученици, средношколци и студенти кои покажуваат исклучителни способности, кои освојуваат медали, дипломи, признанија дома, и во странство. Младите таленти ќе се поттикнат да творат и создаваат дома и понатаму да ја промовираат Република Македонија, а средствата ќе можат да им помогнат за истражување, стручна литература, спроведување експерименти, доедукацијата, обезбедување на нагледни помагала, музички инструменти, сликарски прибор, спортска опрема и т.н. Инвестирањето во овие млади луѓе ќе значи и поттик за развој на образованието и науката, но и нивно задржување дома и иден влог во иднината на градот. Од тие причини предлагаме овој амандман да се прифати и овие средства да се предвидат во Буџетот на Градот Скопје за 2019та година”-рече во своето образложение советничката Стојановска-Стефанова.

За жал, за овој амандман владеачкото мнозинство не даде поддршка иако истиот проект беше составен дел и од изборната програма на градоначалникот за локалните избори.