Во Давос по земи или остави

Темава „Создавање заедничка иднина во растргнатиот свет“, чиниш се дистанцира од популизмоти национализмот. Се разбира, економската елита собрана во Давос своите бизниси не ги води во една држава туку во светот како целина. Но, Форумот и годинава нема да биде ослободен од националисти. Давос некому ќе даде, некому ќе одземе. Во Давос се очекуваат историски настани, кои ќе донесат победи или предавства. Давос треба да ја реши судбината на Македонија и постоењето на Македонскиот народ.

Од Давос, пред години, поранешниот претседател Борис Трајковски ни се врати со „Охридскиот рамковен договор“. Тоа не беше по волја на Македонскиот народ, ниту некој го праша. Да се надеваме дека од Давос 2018 година Зоран Заев нема да се врати со некој нов рамковен договор судбоносен по иднината на Македонија и Македонскиот народ. Нека им остане заедничкото, само Струмица, а не и предавството. Трајковски беше од Моноспитово, Заев е од Муртино…

Има индиции дека „кумот“ во Давос на двете страни ќе им го даде ферманот за името! До епилогот останува дилемата од шекспировата: Да се биде или да не се биде! Атина очекува резултат од средабата Заев-Ципрас во Давос, а од прифатената понуда во Давос враќање нема!

Грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев ќе ја остварат првата билатерална средба на маргините на Светскиот економски форум во швајцарскиот Давос. Велат среда, среќно, иако народот не верува во овој баксуз. Кај отиде, срам и предавство ни донесе. Уплав да те фати да го видиш или не дај Боже со него да се поздравиш. Грчката влада веќе соопшти, дека од средбата очекуваат резултат за името.

Од средбата очекуваме напредок во правец на изнаоѓање взаемно прифатливо решение, изјави портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос.

Решението мора да се најде врз база на сложено име, со географска или временска одредница, која ќе важи насекаде, ставајќи јасно до знаење дека никој не може да полага право врз земјата или историјата на други народи, дополни тој.

По сето ова се добива впечаток дека Заев е своевиден џубокс, кој треба да им ги исполни сите желби на своите пријатели кои никако не сака да ги „повреди“. Од друга страна, во неделата во Солун се одржаа демонстрации против употреба на терминот Македонија во името на соседната земја. На чело на протестот беа националистички кругови и тврдокорни црковни претставници. Во грчката влада коментираа дека десно-радикалните и ултра-националистичките групи во земјата ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните во спорот. За потсетување, неделниот протест беше организиран и на него присуствуваа „маргинализирани анархистички“ групи од руралните области на северна Грција. Со еден збор „бељаџии“, кои под диригенстката палка на солунскиот митрополит Антимос и негови истомисленици изразија загриженост и уплав од враќање на окупираните територии и имотите на насилно прогонетите Македононци од беломорска Македонија. Конечно, некој ќе мора да си ги врати узурпираните имоти, ама стравот лозјето го чува, вели народната.

Иронијата да биде поголема, премиерот Алексис Ципрас, од една страна им се спротивстави на демострантите на солунскиот простест дека не траба така да се однесуваат, но од друга страна го негира постоењето на македонска нација во интервјуто за грчкиот медиум „Етнос“. Во целата оваа рашомонијада имаме и една извондредна изјава на поранешниот прв човек на Хелсиншкиот комитет за човековите права на Грција, Димитри Панајотиј, кој во едно интервју за „Гласот на народот“ рече:

Грција мора еднаш да разбере и да се помири со фактот дека постои Република Македонија, Македонскиот народ и Македонскиот јазик. Грција едноставно мора да ги прифати сите овие нешта!

Димитри Панајотиј многу децидно укажа дека Грција треба да престане да води политика која буквално никаде не води! Да биде уште поавтентично, првиот човек на грчкиот Хелсиншки комитет за човековите права рече:

Проблемот е во грчкото јавно мислење, на кое никогаш не му беше објаснето за овие основни човекови права, во согласност со меѓународното право. Наместо тоа, на Грците им се вели дека единствено тие имаат право на тоа име, и дека сега треба да размислуваме за задничка соработка, за заедничка иднина, за заедничка безбедност, а не како ќе се нарекуваме едните и другите.

Според Панајотиј, поранешниот грчки премиер Мицотакис ја разголил вистината за анимозитетот: „Конфликтот не е во врска со името, туку проблемот е за македонското национално малцинство во Грција! Луѓето во Грција се плашат, доколку се признае државата под името Македонија, дека Грција ќе мора да го признае македонското малцинство. Доколку државата се признае со друго име, тогаш Грција нема потреба да го признае ова малцинство на својата територија!“.

Ваквата смела изјава на Димитри Панајотиј, треба да биде компасот или откровението на сите „забегани“ грчки политичари и авантуристи, да се корегираат во своите ставови и видувања, за и околу вистината за прашањето за името, нацијата и македонските обележја. Правдата и аргументите се на наша страна.

Давос и натаму ќе настојува да укажува и да се залага за имплементација на големи идеи. Кои за нас Македонците ќе значат „бришење на меморискиот код“ каде и да сме во светот. Верувам дека во тоа нема да успеат, бидејќи македонскиот билошки потенцијал и код е длабоко всаден и врежан во сите пори на животот и опстанокот на светот.

Останува дилемата, ќе се слизне ли на тенок мраз Заев во Давос, односно колку ќе ја чини државата неговата новогодишна вечер во Солун и премиерските скијачки тренинзи во Италија кога државата се гушеше со честичките ПМ.10?

Автор: Слободан Томиќ