Во Давос, сепак, ќе изостанат најмоќните играчи

Во швајцарското монденско зимско одморалиште Давос седмицава се очекува рекорден број шефови на држави и влади на Светскиот економски форум, но вниманието го привлекуваат и истакнати личности кои нема годинава да се појават во градот.

Германскиот канцелар Олаф Шолц е единствен челник на земја од групата индустриски најразвиени земји во светот Г7 кој би требало да присуствува на 53-от состанок на Светскиот економски форум. Американскиот претседател Џо Бајден, неговиот француски колега по должност Емануел Макрон и британскиот премиер Риши Сунак нема да допатуваат во Давос.

Нема да дојдат ниту моќните играчи надвор од Г7, во прв ред кинескиот претседател Кси Џинпинг, ниту бразилскиот левичар Луиз Инасио Лила да Силва, кој вети дека ќе ја врати својата земја на светската сцена по изолационистичките години на неговиот десничарски претходник Жаир Болсенаро.

Додека големи делови од светот се соочуваат со веќе две години растечките цени на енергенсите и храната, а се чини дека глобалната економија е на самиот раб од рецесијата, претседателите и премиерите можеби сметаат дека нивното појавување во Давос би имало лош одѕив во нивните земји.

Некои, пак, го откажаа присуството во последниот момент, како на пример јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса кој беше еден од 52-та политички челници на списокот со учесници на Форумот, но во неделата ја откажа посетата поради актуелната енергетска криза во земјата.

Во понеделникот официјално започна петдневното собирање на светската елита под мотото „Соработка во расцепканиот свет“. Сѐ уште не е познато дали украинскиот претседател Володомир Зеленски ќе му се обрати на Форумот како минатата година, додека сигурно е дека рускиот претседател Владимир Путин нема да има обраќање.

Еден од најбогатите луѓе на планетата Илон Маск реч дека „останува далеку“ од Давас, бидејќи му „звучи здодевен“ настанот, кој вклучува повеќе панел-дискусии за прашања од монетарната политика и геополитичките жаришта, до обновливите извори на енергија и јавното здравје.

Сепак, организаторите објавија дека ќе бидат присутни повеќе од 1.500 деловни луѓе од сите индустрии, вклучително и челниците на „Microsoft“, „Uber“, „Pfizer“, „Saudi Aramcо“, како и на низа финансиски институции.

Светскиот економски форум во Давос е место за промовирање на глобалната трговија и отворените пазари, но со голем акцент на неолибералните политики, кои пак сега се под голем притисок, особено од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.

Досегашната ѕвезда на собирите во Давос, берзанскиот шпекулант Џорџ Сорос, годинава се реши за присуство на Минхенската безбедноста конференција, наместо на Светскиот економски форум.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.