Во дебарско пронајдени парцели со канабис од кој на црниот пазар би се добила марихуана во вредност од околу 500.000 евра

Во средата и четвртокот (27/28.07.2022) од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Блато, при Регионалниот центар за гранични работи Запад, во месноста Орман, атар на дебарското село Спас, во непосредна близина на границата со Албанија, по преземени мерки и активности, пронајдени се повеќе парцели засадени со канабис сатива.

Притоа, на парцелите биле засадени околу 500 стебла, од кои на црниот пазар би се добила марихуана во вредност од околу половина милион евра, како и безжични камери и пумпа за третирање на растенија, информираше во саботата Министерството за внатрешни работи.

По насока на Јавен обвинител, дел од стеблата се одземени и предадени за вештачење, додека останатите стебла се уништени. По расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.