Во Делчево низа настани по повод 120 години од смртта на великанот Гоце Делчев

Со низа настани Општина Делчево ќе одбележи 120 години од смртта на патронот, македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев. Свеченостите ќе започнат со положување цвеќе пред неговиот споменик во центарот на градот.

-Општина Делчево по повод значајниот датум организира пригодна свеченост на 4 мај (четврток) 2023 година. Свеченостите започнуваат во 10:00 часот со положување свежо цвеќе пред споменикот на Делчев. Во 11:00 часот е отворањето на ликовната изложба „Лесновска ликовна колонија 2022“ која ја организира НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, а ќе се одржи во фоајето на Спомен-дом АСНОМ, информираа од Општината.

Свеченостите ќе завршат со концерт на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ закан за 18:00 часот кој истотака ќе се одржи во Спомен дом АСНОМ.

-По тој повод, Општина Делчево ги поканува сите заинтересирани граѓани, институции, политички партии и здруженија на граѓани да присуствуваат на настаните и да оддадат почит кон ликот и делото на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, додадоа од Општината.

По повод 120 години од смртта на великанот Гоце Делчев, освен Општината настан организира и Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ под наслов ,,Продолжуваме каде тој падна”.