Во Disney ги дополнија предупредувањата за расизам во своите класични филмови

Предупредувањата на содржината во класичните филмови на студијата „Disney“ се дополнети со посилни пораки, објави во петокот BBC.

На стриминг каналот Disney+, анимираните филмови од 1940-те и од 1950-те години, како што се „Дамбо“, „Петар Пан“ и „Книга за џунглата“ сега имаат „предупредување за стереотипи“.

„Оваа програма вклучува негативни прикази и/ или лош однос кон луѓето или културите. Тие стереотипи биле погрешни тогаш, а погрешни се и сега“, се наведува во предупредувањето.

Во пораката се додава дека наместо да се отстрани содржината „сакаме да го признаеме нејзиното штетно влијание, да учиме од него и да поттикнеме разговор поради создавање инклузивна заедничка иднина“.

Предупредувања имаат филмовите како „Мачки од високото друштво“ кој прикажува мачка со „жолто лице“ којашто свири на клавир со стапчиња, како и филмот „Петар Пан“ каде на американските индијанци се алудира како на „црвенокожци“.

Компанијата првите вакви предупредувања пред филмовите ги воведе уште во ноември минатата 2019 година. Некои филмови, како „Песната на југот“ од истите причини веќе не се достапни на каналот Disney+.