Во Доњецк ликвидирани стотина странски платеници

Руската армија ликвидирала стотина странски борци, кои Москва ги означува како платеници а Киев како доброволци кои се борат во редовите на украинските сили, соопшти во неделата во редовниот брифинг руското Министерство за одбрана.

Според руската војска, чиишто известувања не можат да се проверат од независни извори, руските воздушни сили го извеле ударот со високо прецизно оружје кај селото Часов Јар во северозападниот дел рабниот дел од одметната југоисточна украинска доминантно руска област Доњецк, од која помали делови сѐ уште се под контрола на украинските сили. Министерството во Москва објави дека во оваа операција според извидувачките сознанија биле убиени околу 100 борци на ткн „Странска легија“ која Украина ја формираше веднаш по почетокот на руската офанзива кон крајот на февруари но се смета дека дејствувала во Доњецк и во текот на изминатите години.

Руското Министерство за одбрана извести и за други борбени дејствија во различни сектори на фронтот долг повеќе од илјада километри. Се наведува дека руската артилерија успеала да одбие обид за пробив на украинските сили во соседниот регион Луганск кој речиси целосно е под контрола на руските сили а по септемврискиот референдум кој Киев и Западот не го признаваат, се присоедини со уште три области на Русија. Притоа, биле убиени околу 30 украински војници и уништен повеќе парчиња воена опрема и возила.

Украинските единици се обиделе да ги придвижат своите позиции и во правец на Красни Лиман (Лиман) во Доњецк, но според руската војска, биле одбиени на почетните позиции, при што загубите на украинската страна се проценуваат на 50 војници, три оклопни борбени возила и четири возила за специјална намена.

Во истиот регион се одвивале судири меѓу двете страни во други четири области, при што украинските загуби биле околу 70 војници, два тенка, две оклопни возила и пет камиони со тешки митралези. Министерството не ги соопштува загубите на руската страна.

Украинските сили загубиле уште околу 60 војници, според руската страна, и во борбите во јужниот правец на Доњецк. Притоа, загубите на противникот во материјални средства се проценуваат и на десет оклопни борбени и возила за специјални намени.

Руската авијација и ракетно-арилериски сили во изминатото деноноќие на територијата на централна Украина нападнале шест командни центри на украинските сили, 62 артилериски како и позиции на жива сила и опрема во 137 области. Во близина на градот Дњепропетровски било уништено складиште со проектили за американските повеќецевни ракетни системи со висока прецизност и долг дострел HIMARS, а во областа Запорожје четири складишта со ракетна и артилериска муниција, се додава во дневниот извештај на руското Министерство за одбрана.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.