Во драматичен крај Порто му зема бод на Вардар во последната секунда

Вардар не успеа да дојде до нова победа, во последната секунда прими гол за 25-25 на дуелот против Порто во рамките на петото коло во Лигата на шампионите.

Вардар во првото полувреме уште еднаш на дело потврди дека може брзо да изгуби предност, но уште побрзо да се врати во игра. Добро тргна во воведните минути поведе со 4-2, пропушти шанса за плус три, по што следеше казна. Порто со серија од 6-0 поведе со 4-8 на средината на првото полувреме. На другата страна „црвено-црните“ немаа постигнато гол цели 10. минути.

Борко Ристовски беше човекот кој го дигна својот тим, Вујин се надоврза на него, со серија од 4-1 дојдоа на 8-9, и одново не искористија шанса за израмнување. Порто се искачи на плус три 8-11. Ристовски беше во елемент, постигна три гола и запиша две одбрани за целосно враќање во мечот, Вардар израмни на 11-11, а на одморот замина со 13-12.

Вистинска битка се водеше во вторто полувреме, Вардар 1961 на двапати поведе со плус два 16-14 и 17-15, по што Порто се врати, се играше гол за гол, се до 50. минута. Филип Талески направи две грешки во серија, на другата страна гостите поведоа со 21-23.

Точно на четири минути до крајот, Вардар благодарение на Борко не дозволи предвремен крај. Репрезентативецот со две три одбрани ги разбуди „црвено-црните“, Чупиќ двпати и Дибиров донесоа пресврт 25-24. Се чинеше ова беше чиста победа, но Порто се спаси во последна секунда.

Фото и текст: Спортмедиа.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.