Во две седмици девет вакцинирани починале од последици на Covid-19, а 1.507 лица од новозаразените ги примиле двете дози од вакцината

Заразените и починатите во двонеделната анализа на Министерството за здравство, од позитивни случаи со Covid-19, се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање во Македонија, како и вакцини „Moderna“ и „Johnson&Johnson“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во период од 06.08 до 19.08.2021 на територија на државата 9.881 граѓанин, се позитивни од тестирани на Covid-19, од нив само 15 отсто биле целосно вакцинирани, односно 1,507 лица.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Covid-19. Според двонеделната статистика, 8,374 граѓани од позитивните на Covid-19 не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91 процент, додека само 9 отсто од сите 724 моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на државата починало 101 лице со Covid-19, 92 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 9 односно (8 отсто) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе хронични заболувања.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на Sars-Cov-2.