Најмалку 31 лице загина, а 70 се повредени во серијата експлозии, кои одекнаа на еден од најпознатите мексикански пазари за пиротехника во северно предградие на Мексико Сити, соопштија денеска мексиканските власти.
Пиротехниката била подготвена за претстојните католички божикни празници, кога дошло до првата експлозија, јави Би-Би-Си.
Ова е третпат за нешто повеќе од десет години експлозии да го погодат популарниот пазар „Сан Паблито“, кој се наоѓа на околу 130 километри северно од Мексико Сити.
Локалните власти нагласуваат дека меѓу повредените има и деца со изгореници, кои зафатиле повеќе од 90 отсто од телото.
Засега не се знае што ја предизвикало првата експлозија на лесно запаливите материјали и на големото количество барут во бројните предмети и направи за традиционалните празнични огномети, што се многу популарни кај Мексиканците.
Полицијата и спасувачките екипи изјавија дека експлозиите биле толку силни што ѕидовите на објектите каде била чувана пиротехниката „практично биле стопени“ од високата температура што притоа се развила.
Властите нагласуваат дека ќе ги пронајдат и казнат одговорните и ќе пружат финансиска помош за луѓето, кои останале без своите најблиски.
Канцеларијата на федералниот генерален обвинител покрена истрага, а во соопштението се наведува дека на пазарот одекнале шест експлозии.
Од службите за вонредни состојби наведуваат дека недостигот на безбедносни мерки е најверојатната причина за експлозиите.
Во експлозиите се уништени повеќе од 80 станови, како и куќи во околината.
Мексиканските медиуми јавуваат дека за време на експлозиите на пазарот се наоѓале 300 тони огномент.