Во Еквадор по вонредната состојба воведен и полициски час

Еквадорскиот претседател Ленин Морено воведи полициски час во „стратешките области“ околу владините објекти, по шесте дена насилни протести против строгите мерки за штедење, поради што претседателската администрација го напушти главниот град Кито, а неколку стотици луѓе се уапсени.

„Движењето од 8 часот навечер до 5 часот наутро нема да биде дозволено, од понеделник до недела, во областите околу стратешките згради и местата како што се згради во кои се извршуваат државните функции“, се наведува во извршната уредба на претседатело Ленин Морено.

Полицискиот час ќе биде на силе во текот на траењето на вонредната состојба, која Морено ја прогласи минатиот четврток. Владата и полицијата ќе управуваат со полицискиот час според потребата за да го одржат јавниот ред, се додава во уредбата.

Користејќи ги тактиките со кои беа уривани претходните власти во Еквадор, автохтоното население последните денови го преплави главниот град. Некои демонстранти ги пробија полициските кордони и накусо влегоа во Народното собрание во вторникот, веејќи знамиња и со стисната тупаници извикувајќи „Ние сме народот!“.

На други места во престолнината Кито маскирани демонстранти, вооружени со стапови фрлаа камења врз припадниците на безбедносните сили кои возвратија со солзавец. Во судирите се повредени 43 полицајци и 19 демонстранти, соопштија властите.

Соочувајќи се со најголемиот предизвик во својот мандат, кој започна во мај 2017 година, Морено одби да го повелеч својот указ за големо намалување на субвенционирањето за горивата, што беше една од причините за протестите. Во четвртокот цените на некои од горивата пораснаа за повеќе од двојно, откако владата ги укина субвенциите за горивата кои постојат веќе 40 години, со објаснување дека тие ја нарушуваат и економијата на земјата.

Поради истите причини, односно проблемите со одржливоста на Мдржавниот буџет, на почетокот од октомври Екадор најави излегување од членството во Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) на почетокот од следната 2020 година.

Претседателот Морено исклучи секаква можност за поднесување оставка. „Под никакви услови… Не знам зошто би отстапил (од должноста), ако носам исправни одлуки“, рече во интервјуто за еквадорската телевизија Teleamazonas, кое беше емитувано доцна во вторникот.