Во езеро на Кипар најдена најнова жртва на сериски убиец

Кипарската полиција во средата пронашла останки од веројатно последната жртва на сериски убиец во езерото Меми, југозападно од престолнината Никозија, пишува весникот Cyprus Mail за првиот случај на сериски убиец во историјата на Кипар.

Според сознанијата на весникот, станува збор за шестгодишно девојче, ќерка на жена којашто исто така била жртва на убиецот. Во написот се истакнува дека девојчето е последната од седумте досега пронајдени жртви. Претходно властите соопштија дека во текот на операцијата за пребарување на останките од детето се испумпува вода од езерото.

Минатата седмица кипарските медиуми објавија дека властите го извлекле телото на шестата жртва на сериски убиец од црвеното токсично езеро Коккинопецоула кај селото Мицеро, на 28 километри од Никозија. Според процените на полицијата, манијакот најверојатно убил најмалку пет жени и две деца.

Кон средината на април годинава туристи откриле тело на жена во окно на напуштен рудник во близината на селото Мицеро. Форензичката истрага утврдила дека станува збор за државјанка на Филипини, чиешто исчезнување било пријавено во мај 2018 година. Во врска со ова кипарската полиција уапсила неколкумина осомничени, од кои еден подоцна признал поврзаност со ова убиство. Поради сомневања дека е извршител на сериски убиства, уапсен е 35-годишен војник, Никос Метаксас. Жртвите се странци, од кои две се Филипинки. Телата на жртвите биле пронајдени во напуштениот рудник и во езерото со отровен отпад од истиот рудник.

Според роднините и блиските на жртвите, полицијата одбивала да ги прими нивните пријави за исчезнатите, а не ги земала предвид и извештаите од наставниците дека децата подолг период не одат на училиште и исчезнале. Кипарскиот претседател, Никос Анастасијадис, го смени челникот на полицијата поради недостатоците во истрагата за исчезнувањето на жените, за кои подоцна се покажало дека се жртви на сериски убиец. Министерот за правда, исто така, поднесе оставка во врска со истиот случај.