Во Франција 231 жртва на коронавирусот, Макрон ја вклучува војската

Франција, којашто во средата потврди 231 жртва на коронавирусот што е најголемото зголемување во однос на претходните два дена, објави дека ја вклучува војската во помош на населението против ширењето на епидемијата.

Порастот на починатите изнесува 21 отсто во однос на претходните два дена, објавија во средата вечерта француските здравствени власти. Со 231 починат меѓу вторникот и средата, и вкупно 1.331 смртен случај предизвикан од Covid-19, Франција е третата земја на светот којашто забележа највисока стапка на смртноста во последнтие 24 часта, зад Шпанија и Италија.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави во средата започнување воена операција со приближувањето на очекуваниот пик на епидемијата од новиот коронавирус во земјата. Во текот на операцијата „Еластичност“ ќе се мобилизираат воените сили за помош на населението во борбата против епидемијата. Операцијата целосно ќе биде насочена за помош и поддршка на граѓаните, како и за помош на јавните служби.

Во рамките на оваа операција веднаш на југот од Индискиот Океан ќе биде распореден амфибискиот носач на хеликоптери „Mistral“ и на почетокот на април носачот на хеликоптери „Dixmunde“ ќе биде позициониран во обладата на Француска Гвајана, како поддршка на прекуморските територии, кои денеска ги пријавија првите случаи на заразата, најави претседателот Макрон.

„Единството и храброста ќе ни ја овозможат оваа победа. Уште сме на почетокот, но ќе издржиме“, рече Макрон повторувајќи неколкупати деке неговата земја „води војна“.