Во Франција се предлага маските да се носат и на работа, дневно над 3.000 заразени

Француските здравствени власти ќе предложат во заедничките работни простории да се носат заштитни маски, бидејќи земјата се соочува со повторен бран од коронаинфекцијата, а во изминатите 24 часа пријавени се повеќе од 3.000 заразени со новиот коронавирус.

Француското министерство за здравство објави дека се потврдени 3.310 случаи на новозаразени лица со коронаврусот, регистрирајќи високи бројки четврти ден по ред. Притоа, бројот на кластерите кои се испитуваат се зголемил од 17 на 252, се наведува во ажурираните податоци на интернет страницата на министерството.

Поради растот на бројот на заразените во текот на оваа седмица, седумдневниот просек на новозаразените е над прагот од 2.000 случаи, првпат по април, кога Франција се наоѓаше во состојба на еден од најстрогите карантини во Европа.

Во болниците изминатите денови имало помалку заболени од Covid-19, иако порасна бројот на новозаразените, а стручните лице предупредуваат на ширењето на вирусот меѓу младите. Најновите бројки, сепак, укажуваат на постепен дневен раст на бројката хоспитализирани, 4.857 во однос на 4.828 дена претходно, и раст на бројот на пациентит на одделите за интензивна нега од 367 на 376.

Поради повторниот раст на бројот на заразените во Франција, Велика Британија од саботата утрото наметна 14-дневен карантин за лицата кои доаѓаат од другата страна на Каналот, а властите во Париз ги проширија градските зони во кои е задолжително носењето на маските на отворени простори.

Министерката за труд Елизабет Борне изјави дека во вторник на разговорите со претставниците на работодавачите и синдикатите ќе предложи хигиенските маски да бидат задолжителни во колективните работни простории.

„Тема во сите стручни расправи е вредноста од носењето маски кога неколку луѓе се на мал простор“, вели министерката во интервјуто за весникот Le Journal du Dimanche.

Лекарите сѐ почесто бараат на работните места да се носат маски, а телот HCSP коешто ја советува владата за здравствените политики, издаде препораки повикувајќи маските да бидат задолжителни во сите заеднички затворени простории.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.