Во Франција во изминатите 24 часа 762 смртни случаи од Ковид-19

Од почетокот на епидемијата во Франција од Ковид-19 починале 15.729 лица, односно нови 762 смртни случаи за изминатите 24 часа, јави дописникот на МИА.

Најновиот биланс беше претставен од генералниот директор за здравство Жером Саломон, според кој од сите 15.729 жртви, 10.129 од нив биле во болниците, додека 5.600 во домови за стари лица и социјалните медицински установи.

Франција исто така го помина прагот од 100.000 заболени (тестирани) со вкупно 103.573 позитивни на Ковид-19, односно 5.497 нови случаи за 24 часа.

Во болниците се наоѓаат 32.292 лица (1.965 нови приеми), а 6.730 пациенти се на интензивна нега. Бројот на лицата кои имаат потреба од интензивна нега се намалува, а 28.805 лица биле излекувани.

Според генералниот директор за здравство, од Ковид-19 најверојатно биле заразени 5 до 10 отсто од населението на Франција. Оваа бројка е добиена со пресметка на податоците од болниците и од лекарите по општа медицина.