Во Газпром очекуваат раст на цената на нафата до 45 долари

Договорот на земјите од групата OPEC+ нема да доведе до остар раст на цените на нафтата, но кон крајот на 2020 година во оптимистичкото сценарио цената може да се движи меѓу 40 и 45 долари за барел, вели во вторникот во интервјуто за рускиот дневен весник Комерсант, еден од челниците на рускиот енергетски гигант „Газпром“, Александар Дјуков.

„Не треба да се очекува остар раст на цените како резултат на договорот. Поаѓаме од фактот дека вториот квартал ќе биде најтежок, но се надеваме дека престанувањето на карантините и обновувањето на деловните активности ќе започнат летово, а на есен побарувачката на нафтата може да го достигне нивото близу она од пред почетокот на кризата. Во ова оптимистичко сценарио, до крајот на годината цената би можела да биде 40 до 45 долари за барел, со натамошен раст во 2021 година“, вели Дјуков, шеф на одделот за нафта во „Газпром“.

Според него, компанијата во моментов разгледува неколку опции коишто „Газпром Нефт“ ги зема предвид во својот буџет. Најпесимистичното сценарио се заснова на цената на нафтата од северноморската марка Brent од 15 долари по барел до крајот на 2020-та, но основната опција е попозитивна: околу 30 долари за барел во просек за целата година.

„Многу тешко е да се предвиди што ќе се случува со побарувачката и како таа ќе закрепнува. Многу е веројатно дека сме на прагот на нова Голема депресија, иако сѐ уште се надевам дека оваа сценарио ќе можеме да го избегнеме. Оттаму, да се каже дека договорот е преостар или напротив, недоволен, е извонредно тешко. Очигледно е дека тој не е догма и сугерира можност за прилагодување, зависно од развојот на пазарната ситуација“, додава Дјуков.

Министрите на членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и на најголемите извознички на нафта надвор од картелот предводени од Русија – ткн OPEC+, на видеоконференција во неделата договорија да го намалат прозиводството на нафта за 9,7 милиони барели дневно во мај и јуни. Станува збор за најголемото намалување на производството во историјата, чија цел е да се зголеми цената на нафтата.

Цените на суровата нафта последните два месеца се преполовија поради глобалното забавување на економските активности предизвикани и од пандемијата на коронавирусот, која ја намали побарувачката на енергенсот, како и поради ценовната војна меѓу Саудиска Арабија и Русија.

Потоа следеше комуникација меѓу Вашингтон, Москва и Ријад, и разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и саудискиот крал Салман кои го поддржаа договорот кој го поздрави и американскиот претседател Доналд Трамп.