Во Германија 101-годишна жена прва ја прими вакцината против коронавирусот

Ден пред официјалното почнување на кампањата за масовна имунизација против Covid-19 во Германија, 101-годишна штитеничка на дом за пензионери во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт беше првата личност во земјата која во саботата ја прими вакцината, соопшти локалната телевизија MDR.

Сто и едногодишната Едит Квоизала е штитеничка на Центарот за грижа за лица во третото животно доба во Халбертштад во кој во соботата со препаратот на „Pfizer/BioNTech“ биле вакцинирани 40 негови корисници и 11 негувателки, изјавил за AFP управителот Тобијас Кригер потврдувајќи ја информацијата на германските медиуми.

„За нас секој ден е важен и драгоцен“, додал Имо Крамер, службеник на центарот за вакцинирање во оваа сојузна германска покраина, за регионалната радиотелевизиска мрежа MDR.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан претходно во саботата изјави дека камионите се на пат кон пензионерските домови на коишто први во државата ќе им бидат испорачани вакцините против Covid-19.

До крајот на годината сојузната влада планира да распредели повеќе од 1,3 милиони дози од вакцината на локалните здравствени власти, а потоа седмично во текот на јануари уште по 700.000 дози.

„Во почетокот може да има помали пречки, но тоа е сосема вообичаено во вака сложен логистички процес. Оваа вакцина е клучна за победата над пандемијата. Таа е клучот кој ќе ни овозможи да се вратиме на нормалниот живот“, изјави министерот Шпан на прес-конференција.

Истовремено ги повика младите „уште малку да се стрпат“ и да ги ограничат контактите а со тоа и да го ограничат и ширењето на епидемијата. „Победата над вирусот ќе биде долгорочна работа за сите нас“, предупреди министерот доавајќи дека верува оти есента, зимата и божикните празници следната година повеќе не би смеело да бидат условувани од пандемијата.

Германија, која има 83 милиони жители, оформи повеќе од 400 центри во кои ќе се спроведува вакцинирањето. Меѓу нив се и големите хали на поранешните берлински аеродроми Тегел и Темпелхоф, како и халата во Хамбург во којашто се одржуваат големите саеми.

Вакцинирањето ќе биде бесплатно и достапно за сите од средината на 2021 година, кога би требало да заврши имунизацијата на приоритетните групи од населението. Вакцинирањето против коронавирусот во Германија нема да биде задолжително.

Според податоците од саботата на Институтот за заразни болести „Роберт Кох“, бројот на потврдени случаи на заразата со коронавирусот во Германија се зголемил за 14.455 на вкупно 1.627.103 случаи. Според истиот извдо, досега во земјата од последици предизвикани од Covid-19 починале повеќе од 29.000 луѓе.